Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро беа вршени во текот на XIX век, открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или пак се среќава само во форма на фосили.
Во неговите сини води постои растително и животинско царство за коешто денес единствено се знае од фосилите.
Основен услов којшто го овозможил одржувањето на остатоците на прастариот растителен и животниски свет, како и неговата натамошна еволуција, е долгиот континуитет на егзистенцијата на Охридското Езеро. Всушност, Охридското Езеро почнало да живее уште пред појавата на човекот. Според некои автори ова езеро е старо околу четири милиони години.
За Охридското Езеро карактеристични се поголем број реликтни и ендемични организми. Групи најбогати со ендемични организми и воедно најистражувани групи на организми се Дијатомеите (силикатни алги,Bacillariophyta, Харите (група од зелените алги, Charophyra), потоа Планариите (сплескани црви,Tubellaria), мекотелите (Molusca), особен полжавите (Gastropoda) и раковите (Crustacea). Покрај овие групи, познати охридски ендемити се секако охридската пастрмка-Летница Salmo letica и Белвицата -Acantholinngua ohridana.
Риби
Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули. Десет вида меѓу охридските риби се ендемични. Меѓу најпознатите ендемични видови риби, кои го населуваат само Охридското Езеро се пастрмките: летница и белвица. Покрај јагулата, кленот, крапот, мрената, скобалот и моранецот, живее и малата риба плашица.
Нема коментари:
Објави коментар