За Охридското Езеро

Охридското Езеро е најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија и веројатно од биолошки аспект најзначајниот стагнантен акватичен екосистем во Европа. Се карактеризира со богата историја, култура, археолошки наоѓалишта и природна убавина. Благодарениа на ваквите особености, во 1980година е прогласено за Светско културно наследство под заштита на УНЕСКО.


Слики од Охридско Езеро






Потекло на Охридското Езеро

Потеклото на Охридското Езеро, гледано во целост како езерски систем со Преспанското езеро е тектонско. Двете езера претставуваат остатоци од базенот на поранешното Десаретско езеро од кое настануваат по пат на геотектонска депресија за време на Плиоценот (пред 5,3-1,8 милиони години). Неговата геолошка старост се проценува на околу 2-3 милиони години, поради што се вбројува во групата на стари, долго-постоечки езера заедно с Бајкалско, Тагањика, Ховсхол, Тити Кака. Ваквите езерски екосистеми се сметаат за центри на диверзитет и резервоари на еволуција во кои пред се поради стабилноста на амбиенталната средина, изолираноста на екосистемот и долгото постоење доаѓа до процеси на рапидна еволуција на одредени групи на организми.

Основни податоци и географија

Охридското Езеро е сместено во длабока и затворена котлина, на исток ограничена со планината Галичица (1945 m), а на запад со Јабланица (2257 m). Езеро со право заслужува назив - македонско слатководно море, и тоа не само поради топлата сина боја, која е поинтензивна и од небесното синило, туку и поради големината, бидејќи зафаќа површина од 358 км2. Така, се добива впечаток дека пред нас се наоѓа голем морски залив или пак истргнато парче морска широчина, фрлено меѓу високите планини на надморска височина од 695 метри.



 Речиси правилниот елипсовиден облик на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна модросина површина. Од манастирот Свети Наум па сè до селото Радожда на спротивниот брег, по водата се протега невидлива гранична меѓа, којашто езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина и припаѓаат на Република Македонија, а една третина на Република Албанија.




Најголемата должина на Охридското Езеро изнесува околу 30 километри. Неговата широчина е различна - од максимална 15 км. до средна широчина од 11 км. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км. од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151м. За бистрата вода чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат по должината на источниот и јужниот брег.




Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40 реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија.

Клима

Климата во Охридската котлина е класифицирана како локално-континентална. Вообичаена средна тепмература достига до 11,4 Целзиусови степени. Средната месечна температура изнесува 21,2 степени во јули и август, со 34,4 е постигнат апсолутен максимум во август. Најниска средно месечна температуре изнесува 1,5 степени во јануари , додека 17,2 степени е апсолутен минимум. Просечната вредност на врнежи во Охридскиот басен приближно изнесува 759 mm.

Највообичаен ветер е оној кој дува од север, посебно во есен и зима. За време на летниот и зимскиот период дуваат ветрови во правец на југ и југоисток. Безначајни се југоисточните и источните ветрови. Дождливите и благите периоди се менуваат преку ден, посебно во лето. Утрата се карактеризираат со паузи помеѓу дувањето на северните ветрови и благите периоди. Временските услови стануваат многу различни попладне кога јужните и југоисточните ветрови ја менуват стабилноста. Средната брзина на ветер во Охридскиот регион е релативно ниска, 3,4 м /сек .


Температурата на водата во подлабоките слоеви од Охридско Езеро е приближно 6 C°, додека на површината водата може да се загрее до 24 степени, и во крајбрежните слоеви дури до 26 C°.

Опсежните проучувања од страна на медицинските експерти потврдиле дека на бреговите на Охридското Езеро постојат одлични услови за развој на здравствениот туризам. Релативно нискиот атмосферски притисок, големиот број сончеви денови, поволното струење на воздухот, благите промени на температурата од едно во друго годишно време и многу други климатски погодности на охридското крајбрежје, благотворно влијаат врз човечкото здравје. Според лекарите има идеална клима за лекување кардиоваскуларни болести. Лекарите особено постарите пациенти ги советуваат за користење престој кај манастирот св. Наум и кај селата Љубаништа и Трпејца. Ова подрачје крај бреговите на Охридското Езеро е идеално за климатотерапија. Поради близината на планината Галичица која се наоѓа помеѓу Охридското Езеро и Преспанското Езеро, езерската клима е корисна за анемични лица. Надморската височина и чистиот воздух го поттикнуваат создавањето на црвените клетки. Водите на Охридското Езеро благотворно делуваат и за лекување детска парализа.

Флора и фауна

Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро беа вршени во текот на XIX век, открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или пак се среќава само во форма на фосили.

Во неговите сини води постои растително и животинско царство за коешто денес единствено се знае од фосилите.

Основен услов којшто го овозможил одржувањето на остатоците на прастариот растителен и животниски свет, како и неговата натамошна еволуција, е долгиот континуитет на егзистенцијата на Охридското Езеро. Всушност, Охридското Езеро почнало да живее уште пред појавата на човекот. Според некои автори ова езеро е старо околу четири милиони години.

За Охридското Езеро карактеристични се поголем број реликтни и ендемични организми. Групи најбогати со ендемични организми и воедно најистражувани групи на организми се Дијатомеите (силикатни алги,Bacillariophyta, Харите (група од зелените алги, Charophyra), потоа Планариите (сплескани црви,Tubellaria), мекотелите (Molusca), особен полжавите (Gastropoda) и  раковите (Crustacea). Покрај овие групи, познати охридски ендемити се секако охридската пастрмка-Летница Salmo letica и Белвицата -Acantholinngua ohridana.



Риби

Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули. Десет вида меѓу охридските риби се ендемични. Меѓу најпознатите ендемични видови риби, кои го населуваат само Охридското Езеро се пастрмките: летница и белвица. Покрај јагулата, кленот, крапот, мрената, скобалот и моранецот, живее и малата риба плашица.



Археологија и историја на езерото

Бреговите на Охридското Езеро биле населени од предисториско време. Најстарите археолошки населби датираат од неолитскиот период, околу 6000 години п.н.е. Само на македонската страна од сливот се откриени повеќе од 170 археолошки места.